Македонија

(ФОТО) Пејачите му покажаа заби на Шилегов, Стефановски му порача да не ја чепка Универзална

Не го чепкајте храмот, порача најдобриот македонски гитарист Влатко Стефановски, кој е само еден од бројните македонски музичари, уметници, артисти кои се приклучија кон критиките од јавноста и граѓаните кон општинските власти и најавата за уривањето на Универзалната сала.

Не го чепкајте храмот во кој настапувале Реј Чарлс, Џими Смит, Мек Којтинер, Би Би Кинг, Херби Хенкок, Шарл Азнавур, Дејвид Брн, Фреди Хабард, Чик Кореа, Брајан Фери, Мик Тејлор, Давид Силвијан, Џон Меклафлин, Џое Завинул, Лери Карлтон, Корни Група, Тајм, Ју Група, Индекси, Леб и Сол, ВС трио, Кингс оф Стрингс, Скопје Џез Фестивал… и други бројни уметници од земјава и од странство. Реновирање да, друго нееееееее, напиша Стефановски на Инстаграм.

Дефинитивно треба да се направат некакви потези, превземат чекори за Универзална сала да се реновира или да се реобнови на истата локација. Универзална е уметнички музеј, дел од македонската музичка концертна историја. Таму се спомените и почетоците на многу уметници, но и на конзументите на уметноста.
Се надевам дека ќе се има слух за да не се урива, туку  ќе пронајде соодветно решение и Универзална ќе го врати стариот сјај како порано“, изјави Влатко Лозаноски – Лозано за „Вистина“.

Ребека, во својство на естраден уметник и како еден од основачите на здружението на граѓани за лица со дисфунцкии, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја‘‘  се огласи на социјалните мрежи потенцирајќи ја важноста и неопходноста од постоењето на Универзална сала. И тоа не само културен храм, туку и место каде хуманоста безброј пати се покажала на дело, а таа била сведок, протагонист и непосреден учесник и во двете: И во естрадно-уметничките перформанси и во хуманитарните настани и настапи.

Владимир Блажев – Панчо уште пред неколку дена повика на бурни реакции.

На вчерашниот брифинг скопскиот градоначалник Петре Шилегов се обиде да го оправда распишувањето на Конкурсот за градење на летна сцена на местото на култниот објект. Потенцираше дека досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала, туку дека има три проекти за Универзална и три опции за тоа што ќе се гради.

Првата опција е да се гради нова сала на постојната локација, втората на нова ликација и последната за реставрација на постојната и изградба на нова мултимедијална сала на нова локација. Јас лично би сакал да се реализира третата опција. Со тоа, Универзална во постојната големина би останала, а Скопје би добил нов објект во кој би биле сместени и други културни институции како Театарот за деца и млади, Танец, а би имало и конгресен центар. Јас овие идеи ги отворам, за нив да се произнесе и Владата, стручната јавност но и граѓаните. Ако треба, ќе имаме и референдум за ова прашање, рече Шилегов.

Претходно и поранешниот градоналалник Коце Трајановски, како и советниците во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека зад рушењето на Универзална сала се кријат бизнис-интереси, а Шилегов мора да ѝ даде одговори на јавноста.

Локацијата на салата е во истата градска четврт во која се наоѓа и кругот на поранешната фабрика „Треска“, каде со измена на градежниот урбанистички план се планира да се изградат 50 нови згради. За да може станбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала? Дали Универзална сала станува жртва на бизнис-интересите на градската и извршната власт, праша вчера актерката Јелена Жугиќ.

На почеток