Магазин

Со вечер посветена на Ана Липша Тофовиќ започнува јубилејното Охридско лето

Во знакот на основоположникот на Охридско лето, оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, ќе започне годинешново јубилејно 60-то издание на фестивалот Охридско лето.
На 4-ти август ќе блесне сцената на Античкиот театар со концертот на арии насловен како ,,Вокални бисери – по стапките на Ана Липша,, во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.
-Традицијата на гламурот на Свеченото отворање, најголемите ѕвезди да настапат на Античкиот театар ја продолжуваме и годинава. Овој грандиозен проект на Антички на 4-ти август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот, ќе биде во знакот на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 год. ја создаде магијата наречена Охридско лето, најави директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ на денешната прес конференција.

Изразувајќи огромна почит кон Ана Липша Тофовиќ, Поповиќ истакна дека фестивалот знае да ги препознае и вреднува заслугите на сите кои оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на Фестивалот.
-Со сета почит кон нив, горда сум што Охридко лето уште еднаш покажа дека и денес има тим кој може да се справи со сите предизвици, тим за кого најважна е успешната реализација на програмата и задоволната публика. Само така се гради брендот на една врвна институција како што е Охридско лето притоа почитувајќи ја традицијата градена со децении, рече Поповиќ.
На отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје Св Софија, како и Црквата Св Софија од 4-ти до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска Словенија Косово Чешка Албанија и голем број уметници од Република Северна Македонија.

-Посебно сме горди што оваа година приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи. Тоа секако е доказ дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност. Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи. Секоја година, на својата програма Фестивалот вклучува врвни домашни изведувачи, кои стојат рамо до рамо со оние светските но е и сцена за најдобрите претстави на нашите театарски куќи, смета Поповиќ.
Со квалитетна програма и настапи на врвни светски и домашни уметници од 4-ти до 30-ти август ќе се слави 60-годишниот јубилеј на Охридско лето најави музичкиот селектор на Охридско лето Даница Стојанова. Годинешнава јубилејна програма ќе содржи 26 концерти од кои два се во офф-програмата.
-Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која ќе го одбележи големиот јубилеј од 60 години на фестивалот и ќе ја прослави Уметноста преку различни музички композиции. Ќе чуеме дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори како и дела од македонското класично творештво, изјави Стојанова.

На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, Дуо Улуџан од Турција, косовскиот гитарист Петрит Чеку, Масимо Мерчели флејта-Италија, мецо сопранот Викена Каменица и Мерита Реџа Тершана од Албанија, Келнскиот гудачки секстет од Германија, Ариан Баке обоа Франција, Дуо Солипс, несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар кој ни доаѓа од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл Про Арс со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ, вечер на Музичка Младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар„ вечер со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев (каде ќе настапат Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски) и уште многу ексклузивни уметнички имиња.
-Охридско лето како фестивал е со голем интегритет и единствен од државава кој нуди врвен квалитет и како таков е многу познат во целиот свет. Оттука и покрај специфичната состојба и сите пропратни ризици програмата ја правев следејќи ја мојата единствена цел и должност кон Уметноста, како и мојот професионализам односно да се задржи и подигне уште повеќе квалитетот на фестивалот. Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, па и преку океан, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста, рече Стојанова.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи. На програмата се претставите „Сестрите прозорови“ по мотиви на „Три сестри“ од Чехов коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Велес, Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија“ по текст на Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски, „Човек, ѕвер и доблест“ од Луиџи Пирандело, во режија на Егон Савин Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски во изведба на НУ Гостиварски театар, претставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“ од браќата Грим, во режија на Давор Драгојевиќ. Фестивалот свечено ќе биде затворен со претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на НУ Турски Театар, Скопје кој годинава слави 70 годишен јубилеј.
Во видео пораката драмскиот селектор Александар Поповски кажа дека Охридско лето во доба на корона звучи како наслов на некој роман.
-Овогодинешното издание на Охридско лето се посебни поради две работи. Едната е тоа што славиме 60-години јубилеј, еден многу убав настан а другата е тоа што Фестивалот се случува во едни посебни услови бидејќи времето во кое живееме е посебно. Одлуката сепак да се одржи оваа скратена верзија на фестивалот мислам дека е многу важна. Мораме да покажеме колку е важна уметноста, колку е важна културата. Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направиме. Самата драмска селекција преживеа различити промени во однос на тоа како се менуваше самата ситуација… во игра беше Бург театарот од Виена, Националниот театар од Будимпешта, Југословенско драмско позориште… и како се менуваше целата ситуација се обидувавме да следиме и во рамките на тие протоколи да пробаме да го направиме најдоброто. Како резултат на тоа е оваа програма која е направена од театри од нашата држава, рече во видео обраќањето Поповски.
Како што кажа Поповски, следејќи ги протоколите годинешните претстави ќе бидат со што помалку актери без нивен контакт на сцена.
-Мора да се почитуваат препораките иако контактот е нешто што е многу важен за нас актерите. Тој контакт меѓу нас на сцената, тој контакт со вас публиката е нешто што е многу важно. Ако можам да кажам порака за Фестивалот тоа е – ништо нема да не раздели, порача Поповски. Годинешната драмска програма, според Поповски, ќе направи Фестивалот достоинствено го прослави својот 60-ти роденден.
Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде строго по утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Тоа значи едно поинакво издание во организациска смисла на зборот но по квалитетот на изведувачите на ниво на богатата фестивалска историја со која Охридско лето гордо се претставува во светот.
– Како Национална установа за нас најголем приоритет е грижата за јавното здравје водејќи сметка за безбедноста на нашата верна публика и врвните уметници кои ќе бидат дел од годинешново издание, велат организаторите.

Во рамките на јубилејното одбележување на годинешното издание оваа година ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева -Ангеловска.
-Достојно за големината на Фестивалот со оваа публикација трајно ќе ја сочуваме богатата историја на нашата најголема музичко сценска манифестација. Овој голем јубилеј, 60 години врвна уметност, го отсликавме и на идејното решение за рекламниот материјал изработено од маркетинг агенцијата „Идеа плус“ потенцира директорката Поповиќ.
Фестивалот Охридско лето, кој годинава одбележува јубилеј 60 години успешна приказна, е Манифестација која ја има поддршката од страна на Владата на Р Северна Македонија преку Ресорното министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и Покровител на Фестивалот а исто така е помогнат и од Општина Охрид и стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот.

На почеток