Македонија

Собранието ги верификуваше мандатите на новите 120 пратеници

Со 116 гласа „за“, без ниту еден воздржан, ниту пак против, верифицирани се мандатите на сите 120 пратеници, со што е избран новиот парламентарен состав. Седницата беше прекината по изгласувањето на извештајот од Верификационата комисија, а продолжението ќе биде веројатно откако ќе бидат познати коалициите меѓу партиите, односно откако ќе се обезбеди парламентарното мнозинство.

Тогаш, ќе се избираат претседатели и потпретседатели на Собранието. До изборот на нов претседател, со седницата ќе претседава претседателот во заминување, Талат Џафери. Претседателката на Верификационата комисија, Јагода Шахпаска, посочи дека сите членови, едногласно се согласиле да се верифицираат мандатите на сите 120 пратеници.

„Разгледувајќи го извештајот од ДИК за предвремените парламентарни избори, комисијата утврди дека тие се спроведени согласно решението за спроведување на изборите. Комисијата констатира дека нема основ за оспорување на изборот на ниту еден од 120 пратеници. Верификационата комисија предлага да се верифицираат мандатите на сите пратеници“, рече Шахпаска. На следната седница, треба да се избере и нов владин состав, која треба да биде составена од парламентарното мнозинство.

На почеток