Свет

ВИДЕО: Бејрут е пеплосан, се вадат преживеани под урнатините и се бараат причините за експлозијата

Тим од 22 истражувачи од Франција започна да ги бара телата на настраданите како и доказите за експлозијата која се случи во Бејрут.

Според досегашните податоци кои доаѓаат од Либан, францускиот полициски форензичар Доминик Абенанти за екплозијата рече дека би можело да станува збор за несреќен случај, но дека се уште е многу рано да се констатира фактичката состојба.

Тој во интервјуто за АП, додаде дека бројот на жртви континуирано ќе расте бидејќи најдени се нови тела под рушевините.

Француските истражувачи кои пристигнаа во Бејрут, се ангажирани по барање на Либан бидејќи во експлозијата починал еден државјанин на Франција, додека 40 се повредени.

Ерик Берот, одговорен за француската истражувачка група, соопшти дека истрагата е доста сложена поради самиот размер на настанатата штета.

За разлика од Абенанти, либанскиот претседател Мишел Аун изјави дека во истрагата за експлозијата во магацинот во пристаништето во Бејрут се трага по фактот дали станува збор за последица од надворешно мешање или е само небрежност или несреќа, соопшти денеска неговиот Кабинет.

– Причината сè уште не е утврдена. Постои можност за странско мешање преку ракета или бомба или некое друго дело, изјави Аун за локалните медиуми.

Тој рече дека побарал од францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера го посети Бејрут, да обезбеди фотографии од воздух за да се утврди што се случило.

– Ако Французите немаат, ќе ги бараме од друг извор, истакна Аун.

Тој рече дека истрагата ќе се води во три насоки: прво, како се чувал експлозивниот материјал, второ, дали експлозијата е резултат на небрежност или несреќа, и трета можност дали имало надворешно мешање.

Либанските медиуми информираат дека во последното деноноќие, пронајдени биле уште три тела, а бројот на починати сега изнесува 149.

Досега околу 5.000 се повредени од експлозијата, соопштија либанските власти.

 

На почеток