Македонија

И по 19 години од Карпалак, одговорност нема!

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, беа убиени десет, а ранети тројца резервисти припадници на вооружените сили на Македонија, сите од прилепската касарна.

Тие беа застрелани од заседа со зољи и минофрлачи од припадници на терористичката формација ОНА.

Беа убиени Сашо Китаноски (39) од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од Новоселани, Прилепско, Нане Наумоски (48) од Прилеп, Љубе Грујоски (31) од Пашино Рувци, Прилепско, Бранко Секулоски (42) од Прилеп, Дарко Вељаноски (27) од Ропотово, Прилепско, Горан Миноски (29) од Прилеп, Пеце Секулоски (29) од Бело Поле, Прилепско, Веби Рушидоски (26) од Прилеп и Ердован Шабаноски (20) од Прилеп.

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак конвојот од хермелин, два автобуси, камион и комбе на патот кон Тетово, бил начекан во терористичка заседа во 9,30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Со ракетен фрлач било погодено едно транспортно возило при што загинале осум војници и двајца офицери. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.

Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје топчиња, хаубици и два автобуса со резервисти од Прилеп одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската која била сместена таму.

Во клисурата Карпалак од самиот почеток на воената криза имало полициски пункт. Без знаење на Министерството за одбрана овој пункт бил повлечен на 6 август 2001 година, два дена пред да се случи масакрот кај Карпалак. Причината за повлекување на полицискиот пункт и кој ја издал таа наредба од МВР останаа непознати до денес.

Mакедонската Служба за државна безбедност имала службена белешка дека на ридот од каде се пукало врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица. Остана нејасно кој наредил на 6 август 2001 година, два дена пред масакрот, да се повлече полицискиот пункт од месноста Карпалак, а Министерството за одбрана и Генералштабот да не бидат за тоа информирани.

На 13 август 2001 година беше потпишан Рамковниот договор.

На почеток