Македонија

Денеска се слави св. Климент Охридски Чудотворец и големиот исцелител св. Пантелејмон

На 9 август (н.с.) се празнува споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година, а овој ден  Светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон. Во очи на денот верници и годинава запазувајќи ги сите владини препораки се упатија на поклон во црквата на Плаошник.

И годинава верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на Св. Климент, по што и им се делеше памукче кое се чува за здравје и среќа.

Именден денеска празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто,Панчо…

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.

Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните.

Свети Пантелејмон бил многу популарен лекар што лечел од разни телесни и душевни болести. Кога умрел и татко му имотот го раздал на сиромасите, а тој лечел бесплатно. Особено внимателно ги лекувал христијаните што имале рани од мачењето. Поради завист од лекарите бил наклеветен кај царот кој најпрвин се обидел да го врати во идолопоклонство, но Пантелејмон му одговорил дека ниту по цена на животот нема да се откаже од својот единствен Бог Исус Христос. За да му докаже на царот кој е вистинскиот Бог побарал од царот еден безнадежно болен што требало да го лекуваат идолските жреци, односно лекарите неверници. Откако тие не успеале да го излекуваат Пантелејмон и над него го повикал името на Исус по што болниот веднаш оздравел.

По тој настан популарноста на Пантелејмон уште повеќе пораснала, а многумина поверувале во Исус Христос и се крстиле. Тоа, пак, уште повеќе ги разгневило лекарите кои од царот побарале да го погуби за да не привлече многумина во христијани. Поради тоа бил мачен, бесен, гребан по телото со остри предмети и горен со оган, а потоа фрлен во казан со растопено олово, но сето тоа јуначки го поднесол. Најпосле царот наредил да се исече со меч заедно со свештеникот Ермолај. Откако бил осуден на смрт, не со страв туку со радост тргнал кон губилиштето пеејќи ги Давидовите псалми. Потоа клекнал да се моли, а во тоа време џелатот замавнал со сабјата и го удрил по вратот, но на општо изненадување на насобраниот народ сабјата се искршила на безброј делови. Додека се молел Пантелејмон џелатот не можел да го погуби, иако повеќепати се обидувал. Дури откако ја завршил молитвата самиот побарал да го погубат. Тоа се случило во родното место Никомидија на 27 јули според стариот (или на 9 август според новиот) календар во 305 година.

Црквата која е изградена на Плаошник во Охрид посветена на Св. Климент и Пантелејмон е една од најпосетуваните.

Манастирската црква “Свети Пантелејмон” ја изградил свети Климент Охридски кон 893 година. Плаошник уште во старохристијанскиот период бил многу почитуван простор. Тука имало голема поликонхална црква и уште една петобродна базилика, двете со крстилници откриени во поново време.

Во 1942/43 година тука се започнати првите археолошки ископи, кога се откриени остатоците од старата црква на св. Климент посветена на св. Пантелејмон и гробот на светителот. Во 1964 – 1967 година се извршени дополнителни археолошки ископувања и извршена е конзервација на остатоците од Светиклиментовата црква.

По повод јубилејот „2000 години христијанство во Охрид и Македонија” на иницијатива на Дебарско-кичевската епархија, Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Охрид и општина Охрид, во почетокот на 1999 година беше прифатена идејата за Возобновување на Светиклиментовата манастирска црква “Св. Пантелејмон” од страна на Министерството за култура на Република Македонија, кое резултираше со одлука на Владата на Р.М. во месец март 1999 година.

На 08. XII 2000 година, од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на сите архиереи на МПЦ, беше осветен и поставен камен-темелникот на новата црква. На тој чин присуствуваше многуброен народ како и целиот државен врв.

Светиклиментовата црква “Св. Пантелејмон” целосно е возобновена до крајот на јули 2002 година, на истите темели од времето на св. Климент (IX век) и доградбите (параклисите, северниот и јужниот трем и камбанаријата (XIII-XIV/XV век) со истите материјали и ист пристап на работа како што се работело во старите времиња и во времињата на нејзините поранешни обновувања.

Пред скоро време започна да се изработува фрескоживопис во црквата Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник.

„Се изработува фрескоживопис на празниот простор. Активностите за завршување на целата црква ќе траат околу година и пол. Уметниците кои го изработуваат фрескоживописот се од Македонија“, вели за Охрид 1 митрополитот на дебарско кичевската епархија владиката г.Тимотеј.

 

Во внатрешноста има зачуван живопис од времето на нејзиното обновување во XI-XII, XIII-XIV век и остатоци од постари фази на подови кои денес се презентирани со подни стаклени површини. Стариот под во олтарниот простор и во наосот е возобновен со мермер врз основа на остатоци од стариот оригинален под. Поставена е мермерна олтарна преграда и резбани царски двери, иконостас и гробот на св. Климент. На ѕидовите од северниот трем презентирани се откриените фрагменти од фрескоживописот на старата црква.
На 10 август извршено е литијно пренесување на моштите на св. Климент од црквата “Света Богородица Перивлепта” во Возобновената манастирска црква на Плаошник, и се сместени во гробот што самиот си го ископал (оттогаш црквата го носи името “Св. Климент и Пантелејмон”).

На 11 август 2002 година, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на сите архиереи на МПЦ, ја освети Возобновената манастирска црква “Св. Климент и Пантелејмон” на Плаошник.

фото: Охрид 1

На почеток