Нема напредок во разговорите меѓу власта и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, но и покрај тоа двете страни се отимисти дека компромис сепак е можен доколку спротивната страна го прифати туѓиот предлог.
И покрај тоа што работните групи на власта и опозицијата до 15 август паузираат со преговорите за законот за Јавно обвинителство, премиерот Зоран Заев вчера ја повика опозицијата да ги поддржи реформите и го охрабри Јавното обвинителство да продолжи во борбата со криминалот и корупцијата, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата за случајот „Рекет“.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, обвини дека на работните средби за законот за обвинителство се забележува чувство на одмазда и атак кон неговата партија.
Премиерот Заев побара од сите политички субјекти да ги поддржат решенијата со кои, како што рече, се заокружуваат реформите, за конечен пораз на „заробената држава“, за борбата против криминалот и корупцијата, за општество во кое никој нема да биде привилегиран и амнестиран.
-Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие, граѓаните сте изморени од политички бојкотирање и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите, вели премиерот.
Лидерот на опозицијата Мицкоски за иднината на СЈО останува со став, дека предлогот на власта е обид за пресметка со политичките неистомисленици, но е оптимист дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат прифатени.