Високите температури во изминатите денови се проследени со зголемен број деца кои побарале медицинска помош на Одделот за педијатрија при Клиничката болница во Тетово. Само за 48 часа биле прегледани 139 мали пациенти, од кои 12 биле задржани на болничко лекување.
„Во Клиничката болница во Тетово, односно во Одделот за педијатрија, имавме 139 случаи во последните 48 часа, од кои 12 деца се хоспитализирани, а другите се пуштени со домашна терапија“, соопштија од Одделот за педијатрија.
Најчестите симптоми кај децата се висока температура, повраќање и дијареја. Според педијатарот д-р Иса Османи, кај најголем дел од случаите станува збор за вирусни инфекции кои се карактеристични за летниот период.
Тој посочува дека високите температури, начинот на подготовка на храната, особено кај малите деца кои користат адаптирано млеко, како и контактот меѓу болни и здрави деца, се дел од факторите што придонесуваат за појава и ширење на инфекциите.
Османи апелира родителите да не одат веднаш во болница при секој случај на дијареја или повраќање, туку да внимаваат детето да внесува доволно течности и електролити за да се спречи дехидрација.
Лекарите препорачуваат посебно внимание на хигиената при подготовка и чување на храната, редовна хидратација и избегнување контакт со деца кои имаат симптоми на инфекција.