Дваесет и двегодишен државјанин на Сингапур призна вина за учество во кражба на биткоини вредни речиси 240 милиони долари од жител на Вашингтон, во еден од најголемите случаи на кражба на криптовалути во историјата на САД.
Малоун Лам, кој го напуштил школувањето по основното образование, се изјаснил за виновен по федералните обвиненија за заговор и рекетирање. За делата може да добие до 20 години затвор.
Според обвинителството, Лам организирал мрежа од млади лица која од 2023 година спроведувала измами со криптовалути. Во август 2024 година, Лам и неговите соучесници украле биткоини вредни повеќе од 245 милиони долари.
Двајца од соучесниците лажно се претставиле како вработени во „Гугл“ и во криптоменувачница, а жртвата ја измамиле да им овозможи пристап до својот „Гугл драјв“ и да ги открие безбедносните кодови. На тој начин Лам успеал да префрли повеќе од 4.100 биткоини.
Украдените пари биле трошени на луксузен живот. Лам купил повеќе од 30 автомобили, меѓу кои модифицирани модели на „Порше“, „Ламборгини“ и „Ферари“, изнајмувал вили во Мајами и трошел огромни суми во ноќни клубови. Само за една вечер во клуб во Лос Анџелес потрошил 569.000 долари, а купил и часовник вреден два милиони долари.
По само еден месец од ваквиот начин на живот, агенти на ФБИ го уапсиле во Мајами. Судијката Колин Колар-Котели сè уште нема одредено датум за изрекување на пресудата.