Македонските истражувачи добиваат нова дигитална платформа преку која нивната научна работа ќе биде полесно достапна за институциите, бизнис-секторот и меѓународната научна заедница. Станува збор за порталот „е-наука“, кој Министерството за образование и наука го промовираше како единствена национална електронска база на податоци за истражувачите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата посочи дека порталот ги содржи податоците за истражувачите и научноистражувачките организации, како и низа статистики и индикатори поврзани со нивната работа.
Платформата е поврзана со глобалните научни бази Web of Science, Scopus и Google Scholar, преку кои се прикажуваат податоци за научните резултати, цитираноста и h-индексот на истражувачите.
Досега во регистарот се пријавиле 229 истражувачи. За секој од нив се достапни информации за образованието, работното место, научното звање, институцијата во која работи, научната област и истражувачките резултати.
Јаневска ги повика истражувачите од државните и приватните универзитети, високообразовните и научните установи, научните институти и МАНУ, како и самостојните истражувачи и македонските истражувачи кои работат во странство, да се регистрираат на платформата.
Според неа, „е-наука“ ќе овозможи полесно поврзување меѓу науката и стопанството. Преку напредните можности за пребарување, компаниите ќе можат да најдат истражувачи според областите што ги интересираат, што би требало да отвори простор за нови партнерства, развој на иновации и претворање на научното знаење во економска вредност.
Платформата ќе им биде корисна и на јавните институции, агенциите и фондовите, кои ќе добијат преглед на националниот истражувачки потенцијал и можност за носење одлуки засновани на научни податоци.
Од Министерството посочуваат дека порталот е отворен и за меѓународните универзитети, истражувачките конзорциуми и мултинационалните центри за истражување и развој. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за повеќе заеднички апликации за грантови, меѓународни научни проекти и коавторства, како и за поголема видливост на македонските научници.
Јаневска посочи и дека паралелно со дигитализацијата се зголемуваат и средствата за науката. Според податоците што ги презентираше, во 2024 година биле издвоени 380 милиони денари, во 2025 година 680 милиони, додека годинешниот буџет за научноистражувачка дејност достигнува рекордни 773 милиони денари.
Во тек е и реализација на научноистражувачки проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, додека на кадарот од факултетите и научните установи му е обезбеден бесплатен пристап до базите Web of Science и Scopus.