Емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на телевизијата Нова С, но новата сезона ќе продолжи да се снима и емитува преку нивниот YouTube канал, соопшти екипата на емисијата.
Во објавата, екипата наведува дека на состанокот на кој требало да биде соопштена конечната одлука за иднината на емисијата, добиле информација дека новите сопственици од Португалија повеќе не се заинтересирани за нејзино емитување на Нова С.
Како причина, според нивните наводи, биле посочени слабите бројки на гледаност и финансиската цена на емисијата. Екипата, сепак, тврди дека официјалните податоци покажуваат дека програмата носела солидна годишна заработка за телевизијата.
Од „24 минути“ наведуваат и дека во јуни годинава било разговарано за продолжување на соработката под истите услови, па дури и со симболично зголемување на цената. Договорот, како што велат, бил потпишан.
Екипата изразува сомнеж дека вистинската причина за прекинот е поврзана со политичкиот контекст и претстојните избори во Србија. Според нивните сознанија, во португалските кругови наводно се размислувало новата сезона да започне дури по завршувањето на изборите.
Тие сметаат дека јавното обраќање и одлуката да не молчат за случувањата дополнително ја нарушиле атмосферата на „молк“ околу одлуката.
И покрај прекинот на телевизиското емитување, екипата најави дека новата сезона ќе започне на 19 септември на YouTube-каналот „24 минути со Зоран Кесиќ“.
Во објавата тие се заблагодарија на колегите и гледачите за поддршката, а особено на оние кои понудиле помош, простор и опрема за продолжување на емисијата.
„Од одамна ова наше престана да биде само наше“, порача екипата, додавајќи дека отсега ќе продолжат „од инает, од љубов кон вистината и правдата и од бес“.
На крајот, тие ги повикаа гледачите да ја следат емисијата на YouTube и да ја шират веста дека „24 минути“ продолжува и покрај заминувањето од Нова С.