На денешен ден, 5 мај, 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.
Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.
На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.
Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.
фото: Архива