На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот, Скопје го погоди катастрофален земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Потресот, кој траеше околу 20 секунди, уништи или сериозно оштети околу 65 проценти од објектите во градот. Во трагедијата загинаа повеќе од 1.000 луѓе, околу 3.000 беа повредени, а десетици илјади останаа без покрив над главата.
Во текот на денот следуваа нови потреси, поради што жителите останаа на отворено. Спасувачките екипи и граѓаните веднаш започнаа потрага по затрупаните под урнатините, додека истовремено се организираше згрижување на повредените и обезбедување храна, вода и привремено сместување.
Веќе следниот ден во Скопје пристигна тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, кој порача дека градот ќе биде повторно изграден.
Веста за катастрофата брзо го обиколи светот. И покрај поделбите во времето на Студената војна, помош пристигнуваше и од Исток и од Запад. Во Скопје беа испратени медицински тимови, механизација, храна, вода, лекови и спасувачи од десетици држави, а градот стана симбол на светската солидарност.
По земјотресот започнаа детални анализи за иднината на главниот град. Експертите оценија дека Скопје може да остане на истата локација, но со примена на современи стандарди за асeизмичко градење. Тоа доведе до воведување нови правила за проектирање и изградба на објекти отпорни на земјотреси.
Како дел од обновата беше основан Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, кој одигра клучна улога во развојот на современите стандарди за безбедно градење.
Обединетите нации ја координираа меѓународната помош и формираа експертски тим за подготовка на новиот урбанистички план на Скопје. Во обновата учествуваа архитекти, урбанисти и инженери од повеќе земји, а полскиот архитект Адолф Циборовски беше назначен за проект-менаџер на реконструкцијата.
Обновата траеше со години и целосно го промени ликот на градот. Од една од најголемите трагедии во својата историја, Скопје израсна во симбол на човечката солидарност и меѓународната поддршка.
И денес, 26 јули останува ден на сеќавање на жртвите, но и потсетник дека во најтешките моменти целиот свет се обедини за повторно да го изгради градот.