Светски познатиот научник Михајло Пупин, еден од великаните на физиката и електротехниката, кој дал особен придонес од областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата, има македонски корени. Според потомците на родот Пупин, семејството се доселува во Вевчани од Москополе, каде живееле православни македонски и влашки родови.
Македонските истражувачи тврдат дека дедото на Пупин, Арсение од Вевчани, тогашна Стара Србија, се преселил во Банат, некогашна Австроунгарија, каде се родил таткото на Пупин. Во Вевчани врз темелите на наводно стара куќа на Пупинови изградиле нова, како спомен-обележје, за чие што уредување добија и значајни средства од европските фондови. Во куќата денес е преноќиште, кафеана и соба посветена на српскиот великан.
Михајло Пупин бил професор по физика и математика на Колумбија во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За своето автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење за својата научна работа.
Михајло Пупин имал особена љубов кон Македонија и Охрид, каде давал црковни ѕвона како поклони на охридските цркви, основал фонд за помош на сиромашното население и сл.
Целосно обновената спомен куќа на светски познатиот научник Михајло Пупин, се наоѓа во Вевчани, a освен што е сместувачко-угостителски објект, со музејската поставка ги отсликува животот и делото на Пупин.
Куќата која се наоѓа во Горно маало е во сопственост на Стеван Пупин, кој живее во Белград.
фото: Архива