Четири предмети против советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, со месеци тапкаат во место. Институциите останаа глуви за физичките пресметки, дивоградбите, узурпирањето државен имот, фалсификување, односно уништување деловни книги, а тоа се кривични дела за кои од Усеини се бара одговорност. Обвинителството води постапки, но поминаа месеци, а тие и натаму тврдат дека се заглавени во делот на доказите.
За тоа време во пицеријата на Усеини, која ја изгради на државно земјиште без дозвола, се пречекуваат туристи, бетонската база за која исто така нема дозвола и е изградена на земјиште од ИВЗ работи со полна пареа, а инспекторот од Управата за заштита на културното наследство заедно со советникот од Општина Охрид, Џемал Мена, кои беа физички нападнати и натаму чекаат за нивните случаи да биде донесена одлука за поведување судска постапка.
„Во моментот во сите предмети се финализира прибирањето на материјалните и вербалните докази по што ќе бидат донесени и јавнообвинителски одлуки за натамошниот тек на постапките“, велат од Обвинителството за „А1он“.