На прстите од двете раце може да се избројат дивоградбите од типот на куќи, угостителски објекти или хотели во заштитениот појас во Охрид. Според градоначалникот, најголем дел од тие дивоградби се гаражи, огради или некои дополнителни скали, вели министерот без ресор Едмонд Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Од мај 2019 Охрид има нов градоначалник и тој во рок од еден месец, согласно документацијата што ја има во општината, направи регистер на дивоградби - во заштитениот појас се 409. Градоначалникот рече дека од тие 409 градби не се сите цврста градба, во смисла куќи, хотели, туку дел се гаражи, огради, дел се дополнителни скали. Како што кажа, ако може да го цитирам, на прстите од двете раце може да се избројат градби од типот на куќи и угостителски објекти или хотели коишто се изградени во тој појас. Јас целосно му верувам на градоначалникот дека тие бројки што ги презентираше, бидејќи тој регистар не го правеше владата, не го правев јас, туку го правеше општината и градоначалникот“ рече Адеми.
Адеми смета дека најголема вина за сегашниот статус на Охрид има претходната влада, затоа што „наместо да ги спроведе препораките од УНЕСКО уште во 2009 таа донесе закон за легализција на дивоградбите“.
Според извештајот за имплементација на законот за легализација на дивоградби од страна на Народниот правобранител од 2015 во општина Охрид биле дадени барања за легализација на над 11 илјади дивоградби.
„Законот за легализација е донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, и сега ниту градоначалникот, ниту општината, ниту која било друга институција, доколку субјектот си ги исполнувал условите да си ја легализира куќата или што и да е, не можел градоначалникот тоа да му го оспори, бидејќи и да му го оспори градоначалникот, ќе му го одобри судот врз основ на закон за легализација“ рече Адеми.
Во однос на проблемот со колекторскиот систем во Охрид, Адеми кажа дека се неточни тезите дека УНЕСКО ќе даде пари за колектор.
„Ги слушам тезите дека ќе сме добиеле и пари за колекторот. Еден колектор чини меѓу 20 и 30 милиони евра, изградбата на нов колектор во Охрид. Тие пари УНЕСКО ги нема да ви ги даде, затоа владата, знаете со нова одлука, формира ново претпријатие, кое колекторскиот систем го презема под своја капа, што до вчера беше под капата на општините, и во рамките на Буџетот оваа година планираме околу 4,5 милиони евра да вбризгаме во репарација и реновирање на пумпите, нови пумпи за колекторот, а од догодина целосно, заедно со Европската банка за развој, со Европската унија и со други институции, да можеме да ја финансираме целосно изградбата на новиот колекторски систем“.