Уписот на првачињата се одлага за јуни, а во следните неколку дена ќе донесеме конечна одлука за тоа дали ќе се полага државна матура, изјави министерот за образование Арбер Адеми.
– Уписите на првачиња кои вообичаено започнуваат во мај и се реализираат до септември, годинава ќе започнат во јуни заради вонредната состојба. Работиме на утврдување на конкретен образовен план со сет мерки што ќе се преземат во следниот период. Една од мерките е и пролонгирање на уписот на првачињата. Родителите меѓудругото при упис треба да имаат и потврда од стоматолог, која сега не можат да ја обезбедат – рече Адеми.
Министерот додаде дека многу е извесно дека матурантите годинава нема да полагаат државна матура заради вонредната состојба, која во нормални услови беше услов за упис на факултет. Годинава, матурантите наместо матура, ќе полагаат само квалификационен тест, и тоа само на оние факултети на кои има поголема конкуренција и на кои ќе има кандидати со ист број на поени.
Министерот потенцираше дека деновиве ќе има конечна одлука за полагањето на државна матура.
– Има две опции, да се полага матура во јуни или да се укине оваа обврска годинава. Но, тоа што е веќе подготвено и што ќе се разгледува на седница, се конретни мерки што треба да се преземат во наредниот период. Кога би се укинало полагањето годинава, би требало да се организираат квалификациони испити на тие студиски програми каде што има конкуренција или каде што повеќе матуранти ќе имаат ист број на бодови. Само во вакви ситуации би се одржал квалификационен испит. На факултетите, и без вонредна состојба, на дел од нив се организираат вакви испити, на пример на Факултетот за Драмски уметности, на Архитектонскиот факултет и сметам дека не би имало проблем – информира Адеми.
фото: Архива