Адвокатот Еленко Миланов на денешното судење за случајот „Титаник 3“ побара шефицата на СЈО, Катица Јанева, и нејзините помошници, односно останатите обвинители, да се изземат од предметот бидејќи постоела конфонтација, односно несогласување меѓу шефицата Јанева и останатите обвинители.
-Поднесувам предлог за изземање на Катица Јанева и на нејзините помошници денес присутни во судница, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Од причина што очигледно е дека од минатата главна расправа работите во ова обвинителство се измените, па според тоа што го видовме во медиумите постои директна конфротација меѓу обвинителите од СЈО, постојат конфликти, напади помеѓу овластениот тужител и помошниците од СЈО, па во таа насока предлагам постапката за овој случај да биде прекинета до произнесување за побараното изземање, рече адвокатот Миланов.
Судијката Марија Клетничка пак побара од адвокатот да прецизира точно на што го темели своето барање, читајќи му го законскиот основ на кој се повика, потенцирајќи дека не ги препознава аргументите кој тој ги посочува.
Инаку во случајот „Титаник 3″ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ. Тие се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.