Ниските температури, измерени во изминатите денови на повисоките места во земјава, може да предизвикаат сериозни последици за земјоделските култури, предупредуваат агрометеоролозите од УХМР. Во Демир Хисар, Берово и Делчево, температурите се спуштиле од -0,8 до -2,3 степени.
Според агрометеоролозите, станува збор за ран есенски мраз, кој може да ги оштети културите што сè уште се во активна вегетација. Особено чувствителни се пиперката, доматот и компирот, како и доцните сорти грозје, кои сè уште не се собрани.
Кај зеленчукот може да дојде до оштетување на листовите и плодовите, додека ниските температури кај доцните сорти грозје може да влијаат врз содржината на шеќер во зрната.
Поради тоа, агрометеоролозите им препорачуваат на земјоделците итно да ги соберат сите дозреани плодови, кои се на отворено, со цел да го заштитат родот од дополнителни оштетувања.
Останатите земјоделски култури се наоѓаат во период на предсеидбена подготовка. Од УХМР посочуваат дека, во оваа фаза, е важно почвата да се обработи длабоко, а потоа да следи површинска обработка со која ќе се создаде растресит и ситен слој погоден за сеење.
Паралелно со обработката се препорачува и основно ѓубрење, особено имајќи предвид дека поголем дел од почвите се сиромашни со азот и фосфор.
Правилната и навремена обработка, според агрометеоролозите, создава подобри услови за задржување на влагата во почвата и за активноста на корисните почвени микроорганизми.
Земјоделските производители се повикуваат да продолжат со редовните активности и соодветната грижа за посевите.