Кога се зборува за ревидирање на Преспанскиот договор, граѓаните треба да размислат и да ја знаат користа од Договорот за иднината, истакна амбасадорката Кејт Мери Брнс денеска по обраќањето на настанот со кој се најави отворање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу нашата земја и Грција.
„Преспанскиот договор не е само името, туку и креирање можности за луѓето од земјата и од регионот. Значењето на Преспанскиот договор е што препозна дека земјите мора да соработуваат една со друга и да направат тешки компромиси и оти како резултат на тие компромиси може да градат подобра иднина. Она што ме загрижува се обидите да се збунат граѓаните за користа од Преспанскиот договор, во однос на креирањето нови можности, проширување на регионалната соработка, привлекување нови инвестиции и создавање позитивна иднина. Она што го слушам се зборува за напуштање на Договорот, негова промена и ревидирање. Мислам дека граѓаните навистина треба да размислат за тоа и да ги знаат за бенефитите од овој договор“, рече амбасадорката.
Амбасадорката Брнс уште додаде дека некои не ги препознаваат придобивките што ги донесе Договорот.
„Резултатот од Преспа е дека испрати порака дека Северна Македонија е подготвена да има позитивна и конструктивна соработка со своите соседи и заедно со нив да работи на своите аспирации за членство во евроатлантските институции. Северна Македонија ќе се приклучи на НАТО како рамноправен сојузник и оти еден ден ќе стане членка на ЕУ и партнер на ЕУ. Тоа е важна порака. Тоа што некои не сакаат да ги препознаат сите постигнувања на Преспанскиот договор кои значат напредок, праќа многу поинаква порака. Зборуваме за иднината и треба да останеме фокусирани на иднината“, истакна Брнс.фото: Архива