Русија си игра со вистината, а притоа не користи ни вистински снимки и фотографии, соопшти денеска американската амбасада во Скопје откако руската амбасада вчера на Твитер објави дека двата американски бомбардери што вчера прелетаа над Скопје во знак на поддршка и добредојде за земјава во НАТО биле пресретнати од руски ловци сухои над Балтичко Море.

„Како и обично, си играат со вистината и се обидуваат да го одвлечат вниманието од историското достигнување на придружувањето на Северна Македонија во НАТО - дури и не користат вистински снимки или фотографии. Еве што всушност се случи“, напиша Амбасадата на САД во прилог на соопштение на американското воено воздухопловство.
„Мисијата на бомбардерската единица им покажа на нашите НАТО-сојузници, вклучувајќи ја и нашата најнова членка - Северна Македонија - дека овие стратегиски мисии ја зголемуваат подготвеноста и обуката неопходна за да одговорат на секоја потенцијална криза или предизвик низ целиот свет“, рече генералот Тод Д. Волтерс, командант на американската европска команда. „Интеграцијата и интероперабилноста со нашите сојузници на НАТО за време на овие мисии, без оглед дали тоа е воздушна поддршка од танкер или придружба со ловци, се неизбришливи акции што покажуваат дека Алијансата е силна како и секогаш“.
фото: usafe.af.mil