Светските пазари на благородни метали бележат зголемена неизвесност околу идното движење на среброто, откако рекордниот раст на цената почна сериозно да ја намалува побарувачката во индустријата и кај инвеститорите.
Среброто, кое има широка примена во производството на електроника, соларни панели, автомобили и мобилни телефони, е многу почувствително на економските циклуси отколку златото. Токму поради тоа, аналитичарите предупредуваат дека високите цени почнуваат негативно да влијаат врз пазарот.
Според анализата на швајцарската банка „У-Би-Ес“ (UBS), растот на цената на среброто од околу 140 проценти во текот на минатата година довел до значително намалување на интересот кај купувачите.
„Ерозијата на побарувачката веројатно ќе продолжи сè додека цените останат на сегашните нивоа“, наведуваат аналитичарите на UBS.
Тие посочуваат дека, за разлика од златото, среброто нема стабилна поддршка од централните банки и не претставува дел од официјалните резерви, што го прави поранливо на промени во приватната и индустриската побарувачка.
Највисоката вредност среброто ја достигна на 28 јануари годинава, кога цената скокна на 120 долари за унца, по што следуваше нагол пад од речиси 30 проценти за само еден ден.
Иако во март и мај имаше делумно закрепнување, цените повторно ослабеа. Спот-среброто во четвртокот се тргуваше по цена од околу 72 долари за унца, што претставува пад од 3,7 проценти.
Од „Ејч-Ес-Би-Си“ (HSBC) оценуваат дека среброто и натаму е „фундаментално преценето“ и дека просторот за понатамошен раст останува ограничен.
Според нивните проценки, среброто би можело дополнително да заостанува зад златото, дури и ако цената на златото продолжи да расте.
Слични прогнози имаат и аналитичарите на „Маквори“ (Macquarie), кои сметаат дека во моментот има мал простор за посериозно закрепнување на пазарот на среброто.