Со измените на Законот за Данок на додадена вредност се укинува сметкопотврдата – документ со кој се правадаат трошоци и се користи правото на одбивка. Соопштувајќи ја новината во предлог-измените кои треба да се изгласаат во Собранието, министерката за финансии Нина Ангеловска денеска истакна дека досега се носеле многу олеснителни мерки за да се подобри работата на компаниите, но не и за сметкопотврдите кои се користат уште од времето на поранешна СФРЈ. Во многу развиени земји, па и во регионот, рече таа, овој документ е укинат и веќе не се користи.
Ангеловска додаде дека со измените кои се предложени кај законот за ДДВ се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за правдање на трошоци до износ од 6.000 денари. Со оваа измена, ДДВ обврзник, за да искористи право на поврат на влезен ДДВ, или „право на ДДВ по одбивка“ за промет до 6.000 денари, не треба да поседува сметкопотврда. Доволно е да поднесе само фискална сметка на која стои и производот и сумата потрошена за истиот.
„Во многу развиени земји, па и во регионот овој документ е укинат и не се користи. Светот брзо се менува, зборуваме за електронско смертководство во развиените земји, зборуваме за безхартиена околина и мораме и ние и нашата администрација да го следи тоа за да можеме да го олеснуваме се повеќе и повеќе работењето на компаниите и да го подобруваме деловното окружување. Ова е само еден мал дел од мозаикот во промени и олеснувања на подобрување на деловното окружување и на намалување на административниот товар, и од страна на компаниите и за ослободување на ресури на даночната администрација. Како што знаете приоритет ни е борбара против сивата економија, а на овој начин, администрацијата ќе се користи таму каде што ќе биде попотребна“, рече Ангеловска.
Министерката Ангеловска додаде дека укинувањето на сметкопотврдите е само една од мерките во, како што рече мозаикот на подобрување на бизнис-околината и намалувањето на административниот товар, посочувајќи дека со измените на Законот за ДДВ е подигнат и прагот од 1 на 2 милиона денари за регистрација на ДДВ-обврзници и дека тоа го пофалила и техничката мисија на ММФ.
фото: Архива