Здружението „Анима Мунди“ преку писмено соопштение до медиумите информираат дека стационарот за бездомните кучиња во Штип е „времено“ вон функција, откако, како што велат почнале кучињата да умираат од топлотен удар.
–Тоа е онаа страотна смрт од комплетна дехидрација, изнемоштеност, дезорјентираност, гушење, откажување на виталните органи – кај некое побргу, кај некое поспоро. Низ пекол минуваат животните! Ги прашуваме, ве изненади ли тоа, по сите укажувања кои ги добивте дека условите не се адекватни ниту за камили во лето?, се вели во соопштението од „Анима Мунди“.
Тие бараат забрана за ветеринарска дејност од ветеринарот Крсто Митов и негова одговорност, наведувајќи дека тој нанесува само штета кон животните.
Одговорност бараат и од градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој според нив го толерирал сето ова, тврдејќи дека Анима Мунди за сето ова лажат, пишуваше во соопштението на здружението.
– ,,АХВ повторно прашуваме како така лесно казнувате активисти кои се старатели на бездомни животни, а мижите над овие зверства и издавате дозвола за работа? Вие сте тие кои го ставија во функција лимениот „стационар“ во општина Штип , со кој најгрубо се кршат одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните како и Правилниот за техничките услови за прифатилишта” стоеше во соопштението на Анима Мунди.
Од здружението бараат одговорност од концесионорот и од градоначалникот на Општина Штип.
-Општина Штип го нема затворено стационарот, ниту има намера да го затвори. Поради колективниот годишен одмор во Ветеринарната станица нема секојдневно да се заловуваат кучињата скитници низ улиците, додека оние коишто се згрижени во стационарот, таму и ќе си останат и ќе си има вработени, коишто се грижат за нив, вели Тоше Ѓеоргиев вработен во Општина Штип и надлежен за стационарот.
Тој ги покани медиумите да дојдат на самото место и да видат дека стационарот работи и во него има згрижени животни.