Анима мунди реагираа со цел да запре кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња и нивното поврзување со трагичната смрт на жена како последица од заболување со лишманија.
„Потребно е граѓаните да знаат дека извор на болеста не се кучињата - станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации кои ги ставаат на удар кучињата – затоа што кучињата сами по себе никако не можат да бидат извор на болеста која се шири саму преку инсект (мушичка), за што е потребно градот да врши редовна дезинсекција.
Потенцираме дека болеста не се пренесува преку кучињата преку никаков контакт - допир, галење, играње, а ниту пак со угриз од животно; туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот по човечкото здравје.
Написите за масовна појава на лишманија и посочување дека истата се пренесува преку кучињата не е ништо друго освен лаги, сеење страв, паника и поттикнување на агресија, насилство кон животните, кое оди во прилог на нивно брутално и масовно убивање.
Шпекулирањето во случаи кога се случува трагедија со смртни последици е повеќе од дегутантно и неприфатливо, а речиси сме сигурни дека општините ваквите несреќи ги искористуваат како повод за масовно убивање на животните што нема да дозволиме да се случи“, велат од Анима Мунди.