Антикоагулантните лекови Enoxaparin, Nadroparin и Rivaroxaban отсега се достапни во аптеките, со што на пациентите им се овозможува полесен пристап до терапијата и значително пониски трошоци, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски.
Како што информираше, лековите Enoxaparin и Nadroparin, кои досега се обезбедуваа преку рефундација, сега може директно да се подигнат во аптеките со рецепт од специјалист. Партиципацијата за овие лекови ќе се движи од 160 до 240 денари, во зависност од дозата и пакувањето, наместо досегашната цена од 1.160 до 2.700 денари. Еден од брендовите ќе биде достапен без доплата, додека за останатите два ќе има доплата.
Клековски посочи дека, по барање на граѓаните, ФЗОМ ќе продолжи да врши рефундација на овие два лека во преоден период, заклучно со 15 јули 2026 година.
Воедно, Rivaroxaban за првпат е ставен на позитивната листа на лекови. За најчесто користеното пакување од 30 таблети од 10 милиграми, кое досега чинело 2.228 денари, пациентите сега ќе плаќаат 160 денари партиципација и 315 денари доплата, односно вкупно 475 денари, што значи заштеда од 1.752 денари.
Од 1 јануари 2027 година, Rivaroxaban ќе биде достапен само со партиципација, без дополнителна доплата.
Според Клековски, со намалувањето на референтната цена ќе се остварат заштеди не само за пациентите, туку и за Фондот за здравствено осигурување, а најави и натамошно проширување на позитивната листа на лекови.