Антикорупциската комисија отвора нови предмети за непотизам и судир на интереси, а листата се прошири за 40-тина нови имиња. На списокот на ДКСК не изостанаа и актуелните пратеници од владејачкото мнозинство, министри и други функционери за кои секој ден на прес-конференција јавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ секојдневно објавува имиња на функционери кои си ги вработиле блиските. Но, до сега никој не ги споменал вработувањата на сестрите на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу – Ајсел Фазлиу, која работи во МВР – и Ведра Фазлиу која работи во Владата. Тука е и внукот на министерот Фазлиу, Абдул Кадел, кој е унапреден во директор за безбедност на железничкиот систем.
Внукот на пратеничката Фросина Ременски, Зоран Ременски се вработил во ЕЛЕМ. Пратеничката на СДСМ, Тања Ковачева е под сомнение дека влијаела да се вработат нејзиниот сопруг, сестра и зет од сестра.
Сопругата пак, на екс-генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, била вработена во Агенцијата за електронски комуникации.
На денешната седница на комисијата беше е одлучено да се покрене прекршочна постапка против Азис Положани, ректорот на Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје поради недоставување анкетен лист за имотната состојба.