Секогаш може да се направат повеќе напори и да се испочитуваат сите препораки, смета Билјана Ивановска од ДКСК, која смета дека Извештајот за борба против корупција кажува дека Комисијата се движи во правилна насока и има свој удел во делот на позитивна оценка. Таа смета дека имало обиди за дискредитација на Антикорупциската комисија, кога во јавност, се споделувале изјави дека ДКСК ги надминува своите надлежности во постапувањето.
„Повторно се нотира напредокот во делот на борбата со корупцијата и судирот на интереси. Ова е директна потврда за ажурноста на комисијата во овој состав. Со ваквата оценка ДКСК добива директна потврда за својата работа и поттик за напорите да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата и покрај обидите за дискредитација. Европската комисија смета дека треба да се продолжат и зајакнат заложбите на останатите институции за борба против корупцијата, но и на оваа институција преку обезбедување на средства за вработување на потребниот стручен кадар и материјални ресурси“, рече Билјана Ивановска од ДКСК.
Според неа, клучни препораки и мислења не биле прифатени, а кои од Антикорупциска ги дале. За јавните набавки во ДИК, предметот е даден во 2019 и се уште нема разрешница, додека за иницијативата за урбанистичкиот план кај „Холидеј Ин“ е дадена пред шест месеци и се уште нема никаков одговор.
„Се уште чекаме одговор по иницијативата за кривична одговорност за лицата кои го имаат донесено планот кај ‘Холедеј Ин’, за лицата кои учествувале во набавка на материјали за гласање, чекаме промена на начинот на високо раководна служба на директори и членови на одбори, чекаме да се донесе и Законот за потекло на имотот како и други препораки кои чекаме да се имплементираат“, додаде таа.