Тригодишната затворска казна за гинекологот Мухамед Асани стана правосилна. Апелациониот суд во Битола ја одби неговата жалба и ја потврди пресудата за тешки дела против здравјето на луѓето. Со тоа останува во сила и забраната за вршење лекарска дејност во траење од пет години.
Лекарот е осуден за случајот на Јилдиз Веапоска од Дебар, кој предизвика големо внимание и револт во јавноста. На пациентката по извршен царски рез ѝ беа отстранети матката, еден јајчник и бубрег, кои биле здрави.
Апелациониот суд утврдил дека нема основ за измена на првостепената пресуда, поради што казната затвор и споредната мерка остануваат во целост потврдени.
Во постапката било утврдено дека до сериозните последици дошло поради пропусти во постоперативното следење и ненавремено дијагностицирање, при што не биле преземени соодветни медицински процедури во критичниот период по породувањето.
Случајот е од 2020 година, кога по царски рез во струшката болница кај Веапоска се развиле тешки компликации, кои подоцна резултирале со повеќекратни хируршки интервенции и отстранување на витални органи.