Абас Арагчи денеска ги предупреди САД и Израел да не започнуваат нови воени акции против Иран, порачувајќи дека секој таков обид ќе заврши „како и претходниот“.
Говорејќи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС во Њу Делхи, Арагчи изјави дека заканите против Иран станале вообичаени, но дека не донеле резултати.
„Навикнати сме на овие закани. Тие долго време ги повторуваат во различни форми, но и самите знаат дека ништо не постигнаа и нема да постигнат“, изјави Арагчи.
Тој нагласи дека не постои воено решение за прашањата поврзани со Иран и дека земјата останува цврста пред притисоците.
„Иран се спротивставува на притисокот. Сега сите земји признаваат дека Исламската Република беше победник во оваа војна“, рече Арагчи.
Според него, претходните конфликти покажале дека воената акција не може да ги оствари целите против Иран и дека Техеран успеал да ги спречи своите противници.
Иранскиот министер се осврна и на Обединети Арапски Емирати, обвинувајќи ги дека за време на конфликтот биле на страната на САД.
„ОАЕ беа со САД и не можат да се претставуваат како жртва“, изјави тој, додавајќи дека американските сили користеле бази во земјите од Персискиот Залив за операции против Иран.
Арагчи порача дека регионалните држави не треба да се потпираат на странски сили за својата безбедност.
„Ционистичкиот режим и САД не можат да им обезбедат безбедност. Подобро е безбедноста да се гради преку соработка со соседите“, истакна шефот на иранската дипломатија.
Тој додаде дека Иран и земјите од Персискиот Залив мора да останат трајни соседи и дека единствениот одржлив пристап кон безбедноста е регионалната соработка.