По повод 116 години од смртта на македонскиот револуционер Христо Узунов, претставници на Единствена Македонија положија цвеќе на неговиот гроб во селото Цер, Кичевско.
На настанот присуствуваше и претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев кој истакна:
-„Денеска дојдовме да положиме цвеќе и да го одржуваме жив споменот на големиот македонски револуционер, војвода и учител Христо Узунов и неговите соборци – комити, кои, на денешен ден пред 116 години, храбро го положија животот за слободна и независна Македонија.
Речиси како на филмско сценарио се редат убиствата на македонските револуционери во тоа време. Предадени од доушници, се судруваат со побројниот турски аскер, им снемува муниција и исправени пред изборот – да се предадат или да умрат, со последните куршуми се самоубиваат.
Христо Узунов и неговите соборци – комити на денешен ден во 1905 година не сакајќи живи да паднат во рацете на аскерот, се самоубиваат.
Христо Узунов останува докрај верен на идеалот за слободна и независна Македонија за која го положува животот на свои 27 години.
Особено е потресно неговото проштално писмо до неговата мајка во кое и вели дека без најмалку да ја навреди – се чуствува повеќе син на втората мајка Македонија отколку на својата биолошка мајка која го родила. Со ова Христо Узунов дава на знаење дека татковината е се, маките на татковината се поголеми од сите страданија на секоја наша мајка.
Но, еве 116 години подоцна ние оваа генерација Македонци како да не сме достојни на делото на нашите претци. Ако нивниот идеал беше да создадат слободна и самостојна Македонија наша обврска денеска е да ја зачуваме татковината. Но, ние ја губиме државата а сето тоа немо го посматраме и си молчиме.
Нека биде инспиративно делото и жртвата на нашите војводи од тоа време – Христо Узунов, Метоја Патче, Гоце Делчев, Даме Груев и уште многу други. Сите биле учители и можеле да си бидат само учители, да седат мирни, да не бидат револуционери и да не одат во планините. Ама така ќе ја немаше Македонија.
Затоа упатувам апел до сите Македонци станеме да се бориме за нашата држава, нашата татковина и да ги запреме овие марионети на „ѕверот“ кои 30 години ни ја уништуваат државата.
Сакам да порачам, во битката за Македонија, Единствена Македонија секогаш ќе биде на страната на македонскиот народ. Никогаш нема да ја предадеме Македонија, нашата земја, нашата татковина. Никогаш нема да ја предадеме крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за нашата Македонија. Никогаш нема да го предадеме името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Христо Узунов оставил завет дека се чуствува повеќе син на втората мајка Македонија, а јас денеска од ова историско место продолжувам каде застана Христо Узунов и да извикнам: Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови се бориме и за Македонија.
Да ни е жив споменот на Христо Узунов!
Да ни е вечна македонската држава, истакна Бачев.