Медиасет

Владата денеска донесе Одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје

Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.

Во расправата по повод оваа точка Владата донесе заклучок дека останува отворена за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лек специјалис“ за Водно како можност за дополнително унапредување на заштитата на Водно.

Владата денеска го усвои Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, како една од мерките од Планот за борба против корупцијата донесен на предлог на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.

Со предложеното законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува на 7 (седум) членови во јавните претпријатија чиј основач е Владата на Република Северна Македонија, Градот Скопје и општините во кои живеат над 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие, а управните одбори на јавни претпријатија основани од општина во која живеат до 50.000 жители се намалува на 5 (пет) членови. Бројот на членови на надзорните одбори се намалува на 3 (три) членови.

Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот.

Надоместокот за членовите на управните одбори нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, додека пак, надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во јавното претпријатие.

На почеток