Изложба на Дејан Иванов – Маргуш во Софија
Изложбата „Космички пејзажи 2“ на македонскиот ликовен уметник Дејан Иванов – Маргуш ќе биде претставена пред софиската публика на 15 јуни (среда), со почеток од 18:00 часот. Изложбата, која содржи 20-тина ликовни дела, во присуство на авторот, ќе биде претставена во концертната сала на Националениот музеј „Борис Христов“.
Од КИЦ-Софија информираат дека ликовните дела, кои беа создадени пред пандемијата, претходно беа претставени во Пловдив, а сега можат да се видат и во Софија, се до 30 јуни.
Дејан Иванов – Маргуш е роден во Скопје во 1979 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2005 година, во класата на проф. Јован Шумковски и проф. Рубенс Корубин. Имал самостојни изложби во повеќе градови низ државава, а исто така изложувал и во Србија, Германија и во Бугарија. Учествувал на многу групни изложби во Северна Македонија, Србија, Хрватска, Чешка, Франција и САД.