Актуелно

(ФОТО) Го закопаа Internet Explorer и му подигнаа споменик: „Тоа беше мачење“

Internet Explorer замина во историјата, а за тоа и е особено жал на Јужна Кореја, која до последниот ден се потпираше на тој прелистувач. Во таа земја, Internet Explorer доби споменик.

Споменикот го постави Јунг Ки-Јонг, јужнокорејски софтверски инженер. Во спомен на смртта на Internet Explorer, тој помина еден месец дизајнирајќи споменик. Дизајнот го чинел 430.000 вони (околу 320 евра).
„Тоа беше добра алатка за преземање други пребарувачи“, се вели во споменикот.

Откако Explorer престана да работи, фотографијата од споменикот стана вирална. Јунг вели дека сакал да ги насмее луѓето со споменикот, но сепак е изненаден од тоа колку тој станал популарен.

„Тоа е уште една причина да му се заблагодарам на Explorer, сега ми дозволи да се шегувам низ целиот свет. Жал ми е што го нема, но нема да ми недостига. Така што неговото заминување е добра смрт за мене“, изјави Јунг за Ројтерс.

Јунг рече дека овој пребарувач одиграл голема улога во неговиот бизнис.

„Тоа беше мачење, но јас би го нарекол врска љубов-омраза бидејќи Explorer доминираше во една ера“, рече тој. Неговите клиенти постојано бараа од него да се погрижи нивните веб-страници да изгледаат добро во Explorer, кој со години беше стандардниот пребарувач во канцелариите на јужнокорејската влада и многу банки.

На почеток