Магазин

Шпанска мисица се претставила како Мирка Голубиќ и украла 45 шишиња вино вредни 1,6 милиони евра

На граничниот премин Карасовиќи со Црна Гора, хрватската полиција фати две лица осомничени во Шпанија дека украле 45 шишиња вино вредни неверојатни 1,6 милиони евра. Станува збор за поранешната мексиканска кралица на убавината Присила Лара Гевара (28) и нејзиниот партнер, романско-холандскиот државјанин Константин Габриел Думитра (47). Уапсената Присила еднаш учествувала на изборот за Мис на светот.

Шпанија по нив распиша европска потерница, а грабежот на скапото вино беше извршен во октомври минатата година во Атрио, еден од најугледните шпански ресторани во градот Какерес.

Мексиканската државјанка Присила пред девет месеци влегла во хотелот во Какерес и изнајмила соба на рецепција, регистрирајќи се со лажен швајцарски пасош на име Мирка Голубиќ. Во престижниот ресторан на хотелот, кој има две ѕвезди на Мишелин, таа резервирала место за вечера за себе и нејзиниот партнер Константин. По вечерата, на покана на домаќинот, двајцата отишле да ја видат винската визба. Реномираниот ресторан во хотелот имал практика на своите гости да им ја покажува визбата во која најскапото вино било шише Шато д’Икем од 1806 година проценето на 310.000 евра.

Шпанските новинари пишуваат дека по посетата на винската визба, парот отишол во собата, а потоа Присила побарала од рецепционерката да и подготви нешто за јадење во 1:30 часот по полноќ, бидејќи ресторанот бил затворен. Додека подготвувал десерт во кујната, Константин слегол од собата и со магнетна картичка ја отворил вратата од винарската визба и за десет минути украл 45 шишиња вино. Ги носел во три ранци и ги покрил шишињата со хотелски крпи за да не се скршат и да не прават врева.

Во зори, во 5:30 часот, парот се одјавил од хотелот и си заминал. Персоналот на хотелот седум часа подоцна забележал исчезнување на 38 ретки шишиња вино Romanee Conti и седум шишиња Chateau d’Yquem од 19 век.

Крадците за десет дена ќе бидат екстрадирани во Шпанија.

На почеток