Македонија

Нов ден, нова седница: Пратениците со нова шанса за гласање на уставните измени

Собраниската седница на која треба да се донесат уставните амандмани како последна фаза од спроведувањето на Договорот од Преспа продолжува денеска во 13 часот, а според премиерот Зоран Заев сѐ уште не е обезбедено двотретинско мнозинство.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера попладне ја прекина седницата откако Заев ги образложи уставните амандмани за да може, како што рече, пратениците да го добијат текстот од експозето на премиерот.

Заев пред пратениците кажа дека се загарантирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик, Македонец, како и дека „Грција еднаш за секогаш го признава нашето право на самоопределување“. Тој им се заблагодари на СДСМ и коалицијата, ДУИ, ДПА, Беса и осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, според него, се конструктивна опозиција за разлика од остатокот, како и на пратеникот Панчо Минов за придонес во предлозите вградени во амандманите, на Беса на Касами и на Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

На денешното продолжение на седницата пратениците да го утврдат предлогот на амандманите за што се потребни со 61 глас, за разлика од донесувањето и прогласувањето на амандманите за што е неопходно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови, по што следува уставниот закон за спроведување на уставните амандмани кој исто така се носи со двотретинско мнозинство.

На почеток