Професори, адвокати и правници со низа критики за изборот на првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
Од адвокатската канцеларија Давидовиќ-Јанковиќ велат дека вчерашниот избор покажал дека на правосудството му нема спас.
„Вчерашниот избор на првиот човек во обвинителството за организиран криминал и корупција покажа дека на правосудството му нема спас. Обвинителите покажаа дека не гласаат за програма, визија, стручност и дека немаат никаква желба за промени па затоа гласаат за анонимус кој не најде за потребно ни да и се претстави на јавноста“,
„Целосно го занемарив фактот дека гласаат и обвинители од републичкото обвинителство (најумните, нели?). Е тие му ја донесоа победата на овој кој не можам, а ќе мора да го запомнам како се вика“, вели адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска.
Поранешниот министер за правда на Република Македонија Михајло Маневски вели дека изборот е наместен.
„Наместен избор на јавен обвинител за организиран криминал и корупција
Овде кај нас се може да се намести. Сега е наместен изборот на Ислам Абази за јавен обвинител на ГОКК.
Се избра анонимус партиски кадар на Али Ахмети на ДУИ.
Дури 4/5 или 130 обвинители гласот го дале за кандидатите Ислам Абази (66) гласа и Ерон Незири (64) или вкупно 130 гласа за овие дваица кандидати. По какви резултати се позннати овие кандидати? По обвинителски не. По партиски да. Се гласаше по директива, шефот на ГОКК мора да биде од ДУИ.
Јасно како бел ден. ГОКК во партиските раце на ДУИ.
Е обвинители, не беше тешко да ве скршат. Скршени сте поодамна, за жал. Тоа што требаше да е најсвесно, излезе најпослушно.
Сега се знае. Сите покренати предистраги за тежок криминал во кој се чепнаа и некои кадри од
ДУИ, во корпа за отпадоци.
Целата обвинителска стратегија ќе се гради на основите за заштита на криминалот и криминалците.
Македонија е опљачкана од криминалната багра на власт
Сега веќе нема никој да ги спомне, а камоли да ги гони“, вели тој.
Ексобвинителот Војо Димоски вели дека ни на сон човек со таков квалитет нема морално право да раководи со Обвинителство.
„Денот кога си заминав од обвинителството ќе го земам за куќна слава!
Обвинител кој одлучи да молчи во текот на постапката за избор на шеф на ОЈО за ГОКК, денес, после изборите првпат се појави во јавност. При тоа кажа нешто кое после неколку часа е демантирано. Со фотографии!
Со други зборови примусот на борбата со високата корупција и организиран криминал, пред јавноста не ја зборуваше вистината. Дали човек со таков квалитет има морално право да раководи со Обвинителството? По мој критериум, ни на сон!
Затоа ги охрабрувам новинарите да го прашаат Државниот обвинител дали ќе побара одговорност од него согласно Етичкиот кодекс?
Ако веќе го прашувате, прашајте го и дали е дозволено, странка во постапката, злоупотребувајќи ја законската позиција на моќ, неофицијално да бара од Претседател на суд да врши притисок врз судиите да носат незаконити одлуки. Јас лично сметам дека е незаконито, ама можеби тој подобро знае“, стои во објавата.
„Сакам да слушнам врз основа на кои критериуми е избран новиот ЈО за организиран криминал.
И сметам дека сите ЈО кои гласале и го изгласале треба под итно да бидат разрешени со забрана за вршење должнос“, вели професорката Мирјана Најчевска.
„За мене овој избор е само уште една цигла во зградата на мафијата која ја држи државата во заробеништво
Изборот на човек кој е отворено поврзан со ДУИ и за чиј избор отсуствуваат било какви објективни критериум зборува за недостатокот од критична маса на обвинители со елементарен интелектуален и морален капацитет и во секој случај е јасен показател за неспремноста на актуелната владејачка структура за вистинска борба со криминалот.
Изгледа ептен им се допадна работењето на Катица Јанева и се обидуваат да го етаблираат моделот на ново ниво.
Што да ви кажам -не не бива“, вели Најчевска.
„Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава! Обвинителот што го “избраа” не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата“, вели професор Гордан Калајџиев.