Коментари

Ангелов бара амнестија за 27-ми април: Го амнестиравме УЧК, време е Македонците да си подадат рака

Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов побара амнестија за осудените за 27-април. Тој вели дека сите припадници на УЧК кои во 2001 ја нападнаа државата и убиваа македонски војници и полицајци беа амнестирани, па така Македонците, но и сите други треба да си подадат рака и да си простат.

„Со Законот за амнестија од март 2002 година сите припадници на УЧК кои во 2001-та ја нападнаа дежавата и убиваа македонски војници и полицајци беа амнестирани. Беа амнестирани и оние кои ги убија 8-те бранители во заседата кај Вејце но и оние кои ги убија 10-те македонски бранители во заседата кај Карпалак како и оние кои ги убија 8-те македонски бранители кај Љуботенски Бачила.

Како тоа да беше малку, во 2011 година, со Автентичното толкување на Законот за амнестија македонското Собрание ги амнестираше и оние кои извршија воени злосторства убивајќи 12 невини македонски цивили собрани од улица или од нивните домови. Беа амнестирани и злосторниците кои највулгарно и ѕверски се изживуваа врз киднапираните мавровски работници.

Војната од 2001-та веќе одамна е зад нас. Во Македонија тече процесот на помирување. Помирување помеѓу Македонците и Албанците но и помирување помеѓу припадниците на македонските безбедносни сили и припадниците на УЧК.

И покрај сите слабости и недостатоци процесот на помирување ја направи Македонија далеку побезбедна и постабилна земја од она што беше некогаш, и повеќето од нас, заедно, успеавме да направиме огромен безбедносен чекор напред, помагајќи и на Македонија да влезе во најголемиот воено политички сојуз во светот, НАТО.

Но, процесот на помирување не треба да застане овде. Ние, македонските бранители од Достоинство, одамна зборуваме за процес на внатрешно помирување помеѓу самите Македонци бидејки внатре-македонската нетрпеливост и омраза наместо да се намалува и полека да спласне или исчезне, од ден на ден, станува се поголема и поголема, зголемувајки го јазот помеѓу Македонците во татковината и во светот.

Доволно е само различно мислење за иста тема за да дојде до изблик на вулгарни навреди, нетрпеливост и омраза а понекогаш и закани или физички пресметки.

Еден од најсензитивните настани кој драстично ја зголеми и сеуште ја зголемува нетрпеливоста помеѓу Македонците е и крвавиот 27 април 2017 година, настан кој за малку ќе ја турнеше државата во безумна граѓанска војна. Постоеше опасност да почнат да се убиваат Македонец со Македонец, брат со брат, татко со син, само затоа што припаѓаат на различни политички страни.

Инспираторите и организаторите на овој настан ја носат крвта на пратениците на нивните раце. За жал многумина искрени македонски патриоти наседнаа на намерно создадената патриотска атмосфера и несвесно станаа дел од злосторничкиот план.

Нема ништо херојско во тоа крвнички да се тепаат пратениците од македонското собрание, жени и мажи, татковци и мајки, додека нивните родители и деца, во живо на ТВ, гледаа обид за линч врз нивните родители и деца.
Но, како и да е, и оние кои го осмислија, и оние кои го испланираа и реализираа овој пеколен план, но и оние кои ненамерно влетаа во него, сепак не убија никого, не запалија никого, не пукаа во глава никому. Така како што правеше УЧК во 2001-та. И сега, кога како држава ги амнестиравме оние кои убиваа и палеа македонски бранители вклучително и цивили, сметаме дека државата треба да собере сила и покрај сите контроверзи, и покрај експлозивните емоции и силно спротивставени аргументи и ставови, да најде начин да ги ослободи осудените за 27 април.
Како Достоинство, први, уште на 28 април 2018 година, додека во знак на почит кон 8-те загинатите херои палевме свеќи и полагавме цвеќе на местото на заседата кај Вејце, повикавме да се развие дебата за амнестија на тогаш обвинетите за 27 април.

Според нас од Достоинство, тие не се херои, но уште помалку се терористи и не треба да бидат во затвор.
Додека некои ветерани од УЧК со години се наоѓаат на високи државни позиции, меѓу лицата кои гнијат во затвор осудени за 27 април е и поранешниот началник на полициските специјални единици, храбар бранител од 2001-та.
Како непосреден учесник во воената 2001-ва, како тешко ранет бранител од борбите во Арачиново, јас смогнав сили да си подадам рака со тие кои ме ранија и почнав да работам на процесот на помирување помеѓу Македонците и Албанците, помеѓу бранителите и УЧК.

Затоа, си земам за слобода уште еднаш, по којзнае кој пат, да ги повикам Македонците но и сите други, да си подадеме рака, да си простиме, да покажаме милост, и сите заедно да продолжиме напред, бидејки кој и да е на власт, Македонија сеуште ја чекаат тешки и неизвесни времиња. А нам бранителите од Достоинство, Македонија ни е се’ што имаме!

Поаѓајќи од овој наш став, Достоинство дава целосна подршка на иницираниот Предлог-закон за амнестија на учесниците во настаните од 27 април, кој од неколку адвокати е испратен до македонското Собрание. Воедно, ги повикуваме сите пратеници, без разлика на верската, етничката или партиската припадност, да дадат подршка на оваа иницијатива, да го предложат и изгласаат овој Закон.

Ги зедовме во предвид и укажувањата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски дека правдата ќе биде задоволена само тогаш кога Врховниот суд ќе го врати овој предмет во прв степен а потоа би била донесена ослободителна пресуда. Без да навлегуваме во тоа колку е реална оваа можност во разумен временски рок, мораме да констатираме дека времето безмилосно тече и секој еден ден кој овие луѓе го поминуваат во затвор е ден помалку поминат со нивните семејства, со нивните родители, сопруги и деца.

Затоа, час поскоро амнестија на осудените за крвавиот 27 април но воедно ова да биде последна групна амнестија дадена од македонското Собрание“, вели Ангелов.

На почеток