МНР ќе реагира до ЕП за навредите на Јорданов


Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) велат дека Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир.
Ќе испратат писмо до ЕП за навредите на бугарскиот европратеник Александар Јорданов, кој Македонците ги нарече „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“.
„Сепак, со жалење, констатираме дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава. Укажуваме дека во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и законите, како и на меѓународното право, надлежните институции на Северна Македонија се должни и ги превземаа сите неопходни мерки да се спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата. И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“, велат од МНР.
