Скопје

Ѓорѓиевски повика на прес за казната од Данела, за која рече: “Не е стигната”

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски уште не добил казна од Град Скопје од 90.000 евра за фрлањето на ѓубрето пред депонијата „Дрисла“. Вели дека од извори во Град Скопје дознал оти е пишана казна и дека инспекторите ги уценувала градоначалничката Данела Арсовска.

„Знаеме дека инспекторите под притисок потпишале. Им рекла или потпишете или ќе летате од работа. Оваа казна е неоснована оти отпадот е одложен на територија која не е под надлежност на Град Скопје. ‘Дрисла’ се наоѓа на територија на општините Студеничани и Сопиште. Тоа му е исто како сега да излеземе ние и да почнеме да казнуваме на територија на Општина Велес“, рече Ѓорѓиевски и кажа дека Арсовска „е некадарна, неспособна, не си ја знае работата и ингеренциите и само лечи фрустрации“.

„За оваа казна нема ниту еден денар да биде потрошен од буџетот на Кисела Вода, затоа што за оваа казна нема основ. Казната е за одлагање на отпад во неделата кога знаете дека после час и половина со изживување со нашите служби, не дозволување на нашите камиони да го одложат отпадот во „Дрисла“, по неколку предупредувања дека не го враќаме отпадот во градот и дека истиот ќе го одложиме пред „Дрисла“ каде не е надлежна Арсовска и Скопје ние го одложивме таму отпадот“, додаде тој.

На почеток