Скопје

Борба за Влае: Очекуваме овој период и тие да ја продолжат битката за донесување ДУП-ови со огромни згради за пајташите на градоначалникот

Иницијативата „Борба за Влае“ која реагираше на спорните Детални урбанистички планови кои сакаше Општина Карпош да ги изгласа, а со кои ќе се градеа висококатници, алармира дека е направен профил со варијација на нивното име. Според нив, текстовите објавени на тој профил кој е под името „Борба за модерно Влае“ се со политичка конотација.

Реакцијата во целост:

„Се појави профил со варијација на нашето име. На 11 јули се појави профил Борба за модерно Влае на кое има активности само во периодот од 11 до 13 јули и постовите се главно со рендерирани слики без контекст поврзан со Влае и текстови со политичка конотација против советници или за дискредитација на отпорот во Влае.
Во оваа фаза изгледа како да е потрошен труд од пар саати користејќи слики од било кој фолдер од проектантска куќа. А текстовите потсетуваат на начинот на комуникација што го користеа политички актери во претходната декада. Дури и варијацијата на името на опонентот беше чин што го користеа во изборните игри во 2016 кога беше регистрирана партија со име „СДПМ“ со кандидати со имиња како „Стево Продановски“ или „Радмила Шукуроска“.

Во периодот во кој е направен овој профил и ги има единствените активности (11-13.07) активно беше гласањето против ДУПот во Козле во кој жителите се кренаа против зградата џин на ЗСФ КОМ на Фатмир Етеми, а сите советници кои не се од партијата ГРОМ гласаа против овој ДУП. Градоначалникот ја прекина таа седница, Општината одбива да ја прогласи за одржана и да прифати гласање против ДУПот, а закажана е нова седница за задутре, на 15.09, со истите точки од неприфатената седница, минус таа за ДУПот за Козле.

Не сме изненадени од актот на правење копија на нашата група. Искрено очекувавме да се малку покреативни. Ги прават истите работи кои ги правеа и претходниот пат кога беа на власт. Очекуваме овој период и тие да ја продолжат битката за донесување ДУПови со огромни згради за пајташите на градоначалникот, а ако продолжат да ги користат истите трикови од минатата декада борбата може да биде полесна отколку што очекуваме.
Затоа пораката која им ја праќаме е истата – тргнете ги огромните станбени згради вцртани на државно земјиште и јавен простор и конечно донесете ги дуповите во интерес на жителите, не на урбаната мафија.

На почеток