Македонија

Ковачевски: Со изградбата на затворениот пливачки базен и спортската сала „Партизан“ го враќаме спортскиот дух кај граѓаните

Ковачевски: Со изградбата на затворениот пливачки базен и спортската сала „Партизан“ го враќаме спортскиот дух кај граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска изврши увид во почнување на градежните активности за изградба на затворен пливачки базен, кој се гради веднаш до салата „Наум Наумовски-Борче“ или попозната како „Партизан“ во општина Карпош.

„По повеќе од 20 години, а јас би рекол и по повеќе од 40 години, овој објект, конечно, ќе ја смени својата лоша слика, која ја имаше во текот на изминатите децении, а сега со наша поддршка ќе добие нов лик, кој може и сами да се уверите, е една модерна спортска сала, која ќе обезбеди место за спортување на сите граѓани од Карпош, меѓутоа и на граѓаните од другите општини во Скопје што гравитираат околу Карпош“, рече премиерот.

Се работи, како што објасни, за базен со големина 33×40 метри и длабочина до 1,4 метар, комплетно затворен базен, кој ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала, а оваа инвестиција е финансирана од Владата преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 760 илјади евра.

„Веќе привршуваат работите на комплетната реконструкција на салата ‘Партизан’, кои треба да завршат некаде до средината на октомври, што значи дека за еден месец од денес ќе имаме пуштање на оваа сала и да видиме како повторно младите карпошани и повозрасните да се занимаваат со своите омилени спортови.

Тука ќе биде местото каде што ќе може да се сместат голем број спортски клубови што функционираат во Карпош, од кошаркарски, ракометни, одбојкарски, карате-клубови“, рече Ковачевски.

Салата, како што појасни, била донација на Франција по земјотресот во Скопје од 1963 година, а денес карпошани ќе добијат комплетно нова, реконструирана сала и комплетно нов затворен базен.

Макфакс

На почеток