Јавното обвинителство поднесе обвинение за „проневера“ против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која крадела цитостатици. Осомничената не е достапна за органите на прогонот. Крадела ампули, ги ставала во автомобил и ги носела да ги предаде на друго лице.
Медицинската сестра од Онкологија која двапати беше фатена во кражба на терапија сепак не е достапна за органите на прогонот, тврди Телма. Не се јавила да даде исказ пред надлежниот јавниот обвинител. Според информациите на Телма, за нејзе не е распишана потерница. Може да ѝ се суди и во отсуство за кривични дела за кои може да добие најмногу до пет години затворска казна, а потоа да биде барана за издржување на казната.
„Јавното обвинителство против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела – „проневера“ во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице“, вели Обвинителството.
Овој предмет е различен и не е поврзан со предметот за кој сѐ уште се води предистрага, за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија.