Скопје

Следната недела ќе има хаос низ Скопје, особено ако се возите со ЈСП

Метежот на скопските улици од 1 октомври 100 возачи од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе го заменат со тој во германскиот град Мајнц. Според најновите информации до кои дојде Плусинфо, до крајот на неделава возачите на ЈСП ќе заминат за Германија каде што им се ветени многу подобри услови за работа, како и плата петпати поголема од таа што ја земале во јавното претпријатие.

Стоте возачи на ЈСП „Скопје“ пред извесно време потпишале договори со германска компанија во еден скопски хотел.

– Најверојатно петок или сабота тргнуваме со колегите за Мајнц. Според договорот, ќе добиваме месечна плата од 2.600 евра и плус дополнително ќе ни се плаќаат екстра саатите кои ќе ги работиме. Компанијата ни вети дека првите два месеца ќе добиеме бесплатно сместување, а потоа најверојатно ќе треба да плаќаме одредена сума околу 200-300 евра – вели изворот.

Тој додава дека од страна на компанијата исто така ќе им биде бесплатно обезбеден код од Словенија со кој потоа ќе можат без проблем да возат и да бидат дел од јавниот превоз на Мајнц.

– Засега ќе патуваме сами, без нашите семејства, но имаме ветување доколку работиме во истата компанија 4 години, потоа ќе ни биде дозволено да ги повлечеме и нашите семејства. Ќе биде тешко без нив во овој период, но ова ние го правиме за подобра иднина на нашите фамилии – додава еден од возачите.

Од ЈСП „Скопје“ ги потврдија информациите дека голем број возачи заминуваат од претпријатието. ЈСП на 19.09.2023 година на нивната интернет страна објави оглас за вработување на нови возачи во претпријатието.

Според огласот на ЈСП, се бараше кандидатите да имаат минимум завршено средно образование (IV степен), возачка дозвола Д категорија, работно искуство од минимум 2 години, флексибилност за работа во смени и професионално однесување. Кандидатите треба да достават и доказ дека со правосилна судска пресуда да не им е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

На почеток