„Груби борец за права, Османи нема да сонува за големо Косово – сум слушнала и поглупи вицови ама не и посмешни“, му реплицираше Најчевска на Ковачевски
Професорката по право, Мирјана Најчевска со критики ја дочека изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека во првите пет години откако ќе влеземе во ЕУ, платите ќе се зголемат од 70 до 100 проценти. Најчевска на саркастичен начин даде свој осврт.
„Кога ќе влеземе во ЕУ сонцето ќе изгрева на зпад, воздухот ќе стане кристално чист, Ковачевски ќе има интелигенција над собна температура, Артан Груби ќе стане борец за човекови права, Османи ќе престане да сонува за големо Косово со главен град Скопје, а наместо Бугарија сосед ќе ни биде Финска.
Сум слушнала и поглупи вицови ама не и посмешни. Се срамам бре од секој функционер кој е во моментов во власта. Од прв до последен. Проблемот е во тоа што и овие кои изиграваат опозиција не ги бива ни за куќен совет. Мислам дека треба да се обединат сите со интелигенција над собна температура и да ја преземат власта. Веќе не е во прашање никаква идеологија туку здрав разум..“, напиша Најчевска.
Претходно, Ковачевси зборуваше за придобивките од ЕУ.
„Четирите столба предвидени за земјите од Западен Балкан ќе дадат можност да ги почувствуваме бенефитите на главниот двигател на економскиот успех – трансформациската моќ на европските интеграции. Овде говорам за економска моќ со учество на ЕУ во светската економија и трговија од околу 16 отсто. Само во 2021 година, ЕУ има извоз од 2,18 трилиони евра. Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува голема апсорпциска моќ и можност за економија од обем. Се проценува дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина е поголем за девет проценти токму како резултат на трговската и финансиската интеграција. Тоа во реални пари значи приближно 850 евра дополнителен годишен доход по жител. Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции“, потенцираше премиерот.