Македонија

(Видео) Судијата со секс скандал добил уверение за интегритет, на чекор е да стане и претседател на Граѓански суд веќе утре

Судијата Бесник Авдија е на чекор да стане претседател на Граѓанскиот суд-Скопје, без оглед на секс скандалот и снимката која протече во јавноста, а за која се тврдеше дека е направена во судот. Еден од условите е да помине и тест за интегритет, што не му претставувало проблем бидејќи добил уверение. Со ова, поминал уште една пречка, за членовите на Судски совет да можат без проблем да гласаат за неговата кандидатура која е со целосна документација. Но, проблем во неговиот избор гледа граѓанин кој во период од еден месец доставил две претставки до Советот, а тропнал и на вратите од пет амбасади. Сега, за секс скандалот знаат и САД, Франција, Германија, ЕУ, Холандија.

„По неговото именување како судија во Основен граѓански суд Скопје, Бесник Авдија како судија на овој суд, за неговите биолошки потреби вршеше сексуални дејствија со вработена во овој суд во службени простории на овој суд. За овој настан постои и видео клип. За тоа дека постои таков видео клип ви предлагам да се обратите до претседателот на овој суд, Илир Сулејмани и од него да побарате подетални информации“, стои во дел од претставката, која во Судскиот совет е архивирана на 20 октомври, а во која поднесителот посочува дека ваквите судии се причина за ниската доверба во правосудните органи.

Во Судскиот совет има две претставки, потврдуваат оттаму за „Скопје1“. Имаат иста содржина. Таа е земена во работа, но одлука до утрешното гласање за избор на претседател – нема да има. Сепак, од ова судско тело наведуваат дека за овие случувања, веќе било расправано во 2019 година.

„Како го поминал судијата психолошкиот тест и тестот за интегритет треба да проверите во институциите што ги прават овие тестови. Судскиот совет само добива писмено известување дали кандидатот положил или паднал. Во конкретниот случај, Судскиот совет добил позитивно известување“, вели Гордана Дувњак, портпарол на Судскиот совет на РСМ.

Поради отфрлање на една апликација која била некомплетна, Авдија останува единствен кандидат за претседател. Засега непознато е и дали се утврдени околностите кој го снимал секс скандалот во судот, но и дали има санкционирани лица.

За ова се пишуваше и пред четири години. Тогаш дел од медиумите објавија делови од снимката. Во онлајн архивите, нема демант на наводите за секс скандалот.

Бесник Авдија суди имотни спорови и спорови од мала вредност. Детали за спорови кои ги водел – нема. На веб-страницата од судот, нема ниту негова фотографија.

На почеток