Коментари

Клековски: Со картата на „Велика Албанија“ и изјавата да нема граници со неа, Ахмети го загрози територијалниот интегритет на РМ

„Деновиве во Сопот, Кумановско, се отвори музеј, кој предизвика контроверзии и скандал уште на денот на отворањето. Тоа не е музеј на УЧК, туку музеј на беззаконие и неказнивост, затоа што содржи збирка на кривични дела! На отворањето Али Ахмети, лидер на ДУИ и пратеник во Собранието на Македонија, стори две кривични дела, велејќи дека се залагал да нема граници со Албанија и Косово, но и оти поради околностите се одлучиле да бидат господари на Македонија.“  – вели Сашо Клековски, аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во својата колумна со наслов „Музеј на беззаконие и неказнивост“. Колумната, во која изнесува лични ставови, ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Клековски натаму пишува: Една реченица, две кривични дела. Али Ахмети со „да нема граници со Албанија и Косово“, но не и со Србија, Бугарија и Грција, признава дека не се борел за ЕУ-интеграции, туку го загрозил територијалниот интегритет на Македонија. Тоа што обидот не го довршил, не е до него туку до други чинители.

Второто дело е „да бидат господари“, кое е дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба да постапи по основа на дискриминација врз етничка, а и партиска основа. Јавното обвинителство треба да го процени и тоа дело, бидејќи дискриминацијата може да води кон поттикнување национална и верска омраза,

На отворањето на музејот имало мермерна плоча со карта на голема Албанија, во која е вклучена половина Македонија. Тоа е трето кривично дело. Но, според премиерот Ковачевски, може и да не е кривично дело, бидејќи такви карти имале сите. Но не се сите тие пратеници и лидери на политички партии.

Сите знаат дека овој музеј нема да се урне. Затоа што Али Ахмети и ДУИ се неказниви. И затоа музејот во Сопот не е музеј на УЧК, туку е музеј на беззаконие и неказнивост! Владеење на право, ЕУ? Тоа е за ломотење пред ЕУ-функционери и по предизборни кампањи!

На почеток