Moже да поминат и месеци за Палчо да биде екстрадиран во Македонија – позната е процедурата на Турците
Екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо може да биде и за три месеци. Ваква е проценката, ако се земат во предвид процедурите во Турција, но и начинот на одлучување. Праксата на Министерството за правда покажува дека досега нема случај, Турција да одбие да екстрадира лице осомничено за криминал или осуден криминалец за Македонија.
Кај нас, институциите кажаа дека документацијата е собрана, а ќе биде испратена откако ќе се преведе на турски јазик. Потоа, на ред е Турција. Има два филтри. Прво одлучува Судот за тешки кривични дела, а потоа, министерскиот совет по барање на министерството за правда. Ако одобри Судот, Палчо може да се жали. Продолжува процесот кај министерскиот совет.
Но, нема се цени само одговорноста на Палчо во случаите за киднапирањето и убивањето на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за тој да е екстрадиран, туку и политичкиот дел. Доколку тој каже дека го гонат оти е политички неистомисленик, тоа ќе се разгледува од турските власти.
Македонија и Турција имаат билатерален договор.
Палчо бил уапсен на автопат. Додека бил во Турција, контактирал со лица од Македонија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интерес на истрагата, не откри со кои.