Убиства на Вања и Панче: Материјалните докази ги потврдуваат исказите на осомничените, од кои дел признаа вина
Шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, денеска рече дека во моментов се испитуваат материјални докази во врска со истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, кои ја потресоа јавноста.
„Истрагата, во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое ви кажав и минатиот пат, а се испитуваат нормално материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Толку“ – рече Бубевски.
Тој не сакаше да даде конкретен одговор ниту за тоа дали мотивот останува ист – користољубие.
На новинарско прашање дали автомобилот е снимен на „Сејф сити“ или на некои други камери, Бубевски напомена дека прибавени се материјалните докази.
„Тие се анализираат, се прави целокупна ретроспектива на сè што се случувало и сето тоа, повторно ќе кажам, ќе биде предмет на описот на обвинителен акт“ – рече Бубевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски се чека да биде екстрадиран од Турција.
Сите моменти од истрагата за убиствата на Вања и Панче, можете да ги проследите тука.