Магазин

Зоф e најпродаваниот домашен автор во Македонија

Зоран Спасов-Зоф е прогласен за најпродаван домашен автор годинава. Издавачката куќа „Арс Ламина“ му додадели признание. Зоран Спасов-Ѕоф е најпродаван домашен автор во книжарската мрежа „Литература.мк“ за 2023 година, како автор на книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“, како и најновото издание „Цепај сине“, кои се во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Нашата мисија е да создаваме, да едуцираме, да споделуваме и да се поврзуваме. Ние ја негуваме страста за извонредност и активно ја поттикнуваме културата на иновирање – создаваме врвни изданија за деца и возрасни, со цел на нашите читатели да им обезбедиме единствено искуство. Секојдневен предизвик ни е да бидеме најдобри во сите аспекти на издавачката дејност, но во тој процес, се разбира, не сме сами – неизоставен дел се нашите автори, соработници и илустратори“, рече Дарко Фиданоски, коосновач на „Арс Ламина“, по повод доделувањето на признанијата за 2023 година.

Признанието автор на годината го доби академик Влада Урошевиќ, за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во издание на „Арс Ламина“. Влада Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци и твори во речиси секој жанр и во секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Урошевиќ годинава ги освои наградите „Роман на годината“, „13 Ноември“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и наградата автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.

На почеток